Зошто тангото ви го менува животот

Зошто тангото ви го менува животот

Тангото ви го менува животот, без разлика дали тоа вие би го забележале или не. Тие разлики не се неопходно драматични, всушност повеќето од овие промени се толку мали и постепени што не се ни приметуваат. Меѓутоа, не познавам некој во светот на тангото кому овој танц не му го сменил животот на некој начин, на начин кој го надминува и самото танго.

Се разбира, ова што го пишувам е неизбежно генерализирање и секоја животна приказна е единствена. Сепак, околу мене гледам многу животи кои поминуваат низ одредени промени кои ми дозволуваат да го направам ова генерализирање. Во мојот секојдневен живот опкружена сум со луѓе кои се допрени од тангото на различни степени. Познавам луѓе кои како мене целосно и засекогаш се внесоа во тангото уште од моментот кога за прв пат ја слушнаа музиката или влегоа во прегратка со партнер. Луѓе кои како мене помислија „Ова е тоа што го барав целиот мој живот”. Исто така, познавам и луѓе кои не се толку страствени и навлечени кон тангото, но сепак, и покрај останатите работи кои ги имаат посветуваат сосема доволно време за танго. Со сигурност можеме да кажеме, според моето мислење, дека без разлика на степенот на посветеност, тангото на свој начин доста длабоко влијае врз вашиот живот.

Најпрво, времето кое го посветуваш во учење и танцување и колку далеку ќе си дозволиш да одиш. Но, иако нема да одиш на танцување секој ден, не посетуваш часови секоја недела или пак не патуваш да учествуваш на настани, тангото сепак си има начин на кој влијае врз твојот живот, кој е посебен. Ја слушаш танго музиката правејќи други работи. Правиш нов „танго оддел“ во твојот орман. Започнуваш да ги гледаш дрвените подови на различен начин. Ги пакуваш твоите танго чевли кога одиш на бизнис патување и наместо да одиш на ручек со колегите ти одиш да бараш некое непознато место каде преку интернет виде дека ќе има милонга. И кога ќе влезеш во тоа место, во некој непознат град, во некоја непозната држава и ја слушнеш таа добро позната музика, веднаш чувствуваш дека конечно си таму каде што треба да бидеш.

Без разлика колкава е твојата вклученост, тангото станува еден одвоен свет од останатото, заедно со своите необични радости, таги, потешкотии, правила, цели и задоволства. И никогаш не е осамен свет: во тангото секогаш ќе најдеш некој кој го сака тангото исто колку и ти, на било каков начин тоа и да е.

Тангото често се споредува со дрогата. И навистина е мошне зависен: колку повеќе го практикуваш, уште толку повеќе ќе сакаш. Често ти недостига кога ќе прекинеш со него (сепак, не секогаш) и најчесто си среќен кога ќе се вратиш после паузата. Како и дрогата, тангото ти дава можност да избегаш од секојдневностите од својот живот. Доколку навистина сакаш да побегнеш, тангото ќе ти обезбеди обилни можности да се занимаваш себеси со нешто што нема никаква врска со твојот живот или твојата работа. Дрогата обично го уништува вашето здравје и на крај ви ги уништува и вашите односи со луѓето околу вас. Тангото, напротив, ви помага да бидете поздрави, и физички и психички и ви помага во подобрување на односите со другите. Дрогата прави да се тргнете од себеси, додека тангото прави да се свртите спрема себе, поради тоа што тангото е поради вашата љубов спрема него, а љубовта секогаш на некој начин го менува вашиот живот. Не можеш да ја сакаш дрогата, не баш, можеш само да копнееш по неа. Покрај сѐ, не би играле танго доколку не го сакате барем малку.

Zosto tango go menuva zivototСекако тангото само по себе не ви прави некоја промена во животот, вие сте тие кои го менувате вашиот живот доколку така одлучите. Тангото претставува само катализатор за промена. Во повеќето случаеви, промената во себе на почетокот не е пријатно доживување… Тоа значи дознавање на што сакате и што не сакате, како и со кои внатрешни конфликти се соочувате внатре во себе. Како што имам напишано во мојата статија за танго и љубовни врски, сигурно го најдовте тангото, бидејќи е продуктивна средина за да решите некои од вашите внатрешни конфликти: конфликти кои се особено ваши. Ако вие во вашиот живот на некој начин сте неурамнотежени, тој дисбаланс ќе биде покажан и во тангото. Понекогаш тангото е точно она што ви е потребно за да ја изнесете вашата нерамнотежа и потоа да најдете начин како да го решите. Доколку посакате, тангото ќе ви дозволи и да ги изиграте и да ги средите тие нерамнотежности. Да ви дадам едноставен пример: ако сте личност кому му е потребно мноштво од моќни позитивни емоции, со цел да ги заборавите своите стравови и несигурности, тогаш во тангото ќе го најдете тоа што ви е потребно: веселба, прометна средина упатена кон задоволство и пријатни човечки интеракции. Сепак, во исто време уште посилно ќе ја чувствувате вашата нерамнотежа при заминување од светот на тангото и ќе влезете во депресија по особено среќен танго-настан. Во моментот кога ќе научите да не се нишате толку тешко од позитивни кон негативни чувства ќе пронајдете поголема рамнотежа во себе. Сѐ уште уживате во тангото, но не коопнеете по него како дрога.

Меѓутоа, тангото како катализатор за промена не е само за откривање на болните емоции, туку е и посилен катализатор за нешто друго: имено, за пронаоѓање на вашата СРЕЌА.

Вашиот раст во тангото, во поширока смисла е во врска со осознавање на тоа што сакате, што ве прави среќни, што ви причинува задоволство, но исто така и да станете повеќе тоа што всушност сте – или да станете подобар човек. Тангото не е само да се научи како да се танцува и како успешно да комуницирате со другите луѓе, исто така претставува и давање на приоритет на она што вие лично го сакате. Тангото е екстремно слободна средина која не те обврзува на ништо, дури ниту да ги следите неговите лабаво дефинирани правила. Не е институција. Не е религија. Не е организација. Оттука произлегува дека сѐ за тангото е само по ваш сопствен избор: од учители и танц- партнери, до вашиот изглед, местото каде ќе одите да танцувате, на која музика танцувате итн. Оваа слобода е тоа што го прави тангото толку привлечно и богато во своите разновидни изрази. Според мене, сите обиди за ограничување на тангото, воведувајќи го само на еден одреден тип на движење е спротивно од самиот дух на тангото.

Тангото го менува животот баш поради тоа: прави да дадеш важност на она што ти лично го претпочиташ. Откако ќе почнеш да го правиш тоа што го сакаш како приоритет во тангото, тогаш неизбежно доаѓа момент кога почнуваш да даваш приоритет на тоа што ти сакаш и во останатите сфери во животот. Знаеш, кога ќе си дозволиш да го следиш тоа во што уживаш во тангото, станува сѐ потешко и потешко е да го прифатиш она останатото во животот во кое не уживаш. На тој начин завршуваш ставајќи крај на разочарувачката работа или на безцелната врска која си ја имал. Почнуваш да се одделуваш себеси од очекувањата на другите и наместо тоа донесуваш одлука за себе во што ќе ја инвестираш својата енергија.

За „надворешниот свет” танго-луѓето често изгледаат невообичаени и несозреани. За некој со кој не делите иста страст е тешко да разбере зошто започнувате останатиот дел од вашиот живот да го подредувате со нешто толку залудно како што е танцот. Зошто наместо на нивните забави одите на милонги. Зошто започнувате да планирате толку многу кратки патувања на чудни места. Зошто прекинувате со гледање на ТВ и станувате незинтересирани да разговарате за сето она лошо што се случува во светот и наместо тоа вежбате танго или одите на часови. Зошто повеќе не прифаќате да вашиот живот се состои само од вашата работа или да имате деца, или пак само да се грижите за вашата финансиска обезбеденост. Зошто посетувате дури и опасни градови од третиот свет и со месеци престојувате таму правејќи го истото што и дома: танцувате. Зошто понекогаш се преселувате целосно во друг град или држава само затоа што тангото е таму подобро.

Можеби на прв поглед изгледа дека за да бидеш страстен кон тангото значи да се оттргнеш од сите останати работи, да не учествуваш во „нормални” активности и во извесна смисла, да станеш доста незрела и „неодговорна” личност. Но сепак, ова е само видливиот резултат. Често невидлив резултат е како луѓето го менуваат својот однос кон активностите кои сѐ уште ги прават, кон нивната работа како и кон односите спрема останатите. Давајќи ѝ предност на вашата среќа и покрај другите активности значи вршење на работите различно. Значи вршење на работите со повеќе љубов. Значи пронаоѓање на среќа дури и во малите и незначајни секојдневни работи, како и во превземање на одговорност над својот живот на конструктивен начин. Оваа промена може да не е видлива за надворешниот свет, но го менува тоа како вие се чувствувате за самите себе. Следењето на вашата среќа ве доведува до хармонија со самите себе и последователно со надворешниот свет.

Вашата страст за танго е тешко да се објасни на неупатените,но не и невозможно. Може да биде лесно разбирлив доколку се спореди со други активности кои вклучуваат страст, како што е сурфањето, летањето, спортот, други танци и сл. Но, бидејќи има силна социјална компонента тангото е многу повеќе од тоа ДА СЕ ПРАВИ, исто така е и ДА СЕ БИДЕ одреден вид на човек.

Пред скоро време еден мој студент ми кажа: „Добрата работа кај тангото е што служи како добра метафора и за останатите работи во животот. Кога видов дека можам да бидам подобар во тангото, тоа ми даде поттик и храброст дека можам да бидам подобар и во други работи. Сфатив дека ако можам да го променам моето танцување исто така можам да ги променам и моите односи со луѓето, мојата работа, мојот живот. “ Тангото е токму тоа, мал живот во вашиот поголем живот во кој дознавате дека многу повеќе работи се возможни од што мислевте. Ќе научите да си дозволите вашата исполнетост да ја ставите на прво место. Најпосле, тангото помага да бидете послободна личност. Некој кој е научен да ја следи својата среќа не може лесно да биде притиснат кон правење на нешто што срцето не сака. Таквата личност никогаш нема слепо да го следи она што другите го велат. Затоа поради сето ова танцот и други активности кои даваат среќа и задоволство од страна на повеќето фундаметални религии и диктатури се забранети или строго контролирани. По својата природа, среќниот и задоволен човек е слободен човек.

Дали тангото е единствен начин за да ви помогне да се изградите на овој начин? Се разбира дека не. Но, тангото на извесен начин , е доста „комплентна” активност која ви дозволува да се изградите не само во вашето дејствување, туку и на вашето изнесување кон себе и кон другите луѓе. За мене лично, храброста да се даде приоритет на она што го сакате е една од основните знаци за созреаност. Љубовта која ја чувствувате кон нешто или некого не доаѓа од надворешниот свет, произлегува од вашата душа, а вашата душа секогаш има добра причина за тоа што го сакате. Колку поблиску сте до вашата душа толку повеќе сте тоа што сте, уникатно суштество со единствени предности и единствена цел. На крајот не е важно што сакате и колку е од големо значење. Тоа што е важно, е како ќе ја искажете љубовта која ја чувствувате и колку си дозволувате да сте среќни и корисни. Ова е единствената вистинска одговорност која ја имате во животот: секогаш да бидете во допир со она што навистина сте, што всушност значи следење на тоа што го сакате, со уживање и ценење и на големите и на малите работи. Тангото само по себе е само уште еден начин на зближување со самиот себе. Еден од многуте, но доста ефективен.

Преведено од Вероника Тоуманова :

https://www.facebook.com/notes/veronica-toumanova/why-tango-changes-your-life-and-how-does-it-do-it/10151812279917499

No Comments

Sorry, the comment form is closed at this time.